Главна секција Собраниската расправа за огласот за нов државен јавен обвинител продолжува в среда

Собраниската расправа за огласот за нов државен јавен обвинител продолжува в среда

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, точно во 18 часот ја прекина расправата по точката за предлогот на Владата за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на претходниот – Марко Зврлевски.

Следното продолжение на седницата Џафери го закажа за среда, во 11 часот, затоа што утре тој ќе присуствува на Меѓународната научна конференцијата „Балканот помеѓу Западот и Истокот: Стари и/или нови безбедносни предизвици“ во Охрид.

Расправата по оваа точка помина во говори на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија владејачкото мнозинство дека незаконски, спротивно на членот 8-а од Изборниот законик, сака да го протурка именувањето на новиот државен јавен обвинител.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека одењето спротивно на законот и на членот 8-а, кој беше изгласан на барање на СДСМ, е ароганција и надминување на нормалното функционирање на државата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека доаѓањето на новиот јавен обвинител е неминовно и дел од пакетот реформи во правосудството.