Македонија Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина, како во затворите, така и генерална и општата безбедност во државата

фото: Министерство за правда

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите.

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина, како во затворите, така и генерална и општата безбедност во државата.

Предлогот предвидува воспоставување на законска основа и формирање на единици за затворско разузнавање и единици за интервенции,  воспоставување на систем за видеонадзор и користење боди камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на права од работен однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ.

„Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата со овој Предлог на закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем“, велат од Министерството за правда.

Од таму додаваат дека измените на Законот за извршување на санкциите се донесени од повеќе причини, меѓу кои и поради менување во голем дел на кривичното законодавство во земјава, менување на затвореничката структура и појавата на сѐ поголем број на радикализирани осудени лица, како и поради потребата од заострување на начинот на којшто осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во истата.