Македонија Медиумска опсерваторија Со порака „не на војната“, вработените на една од последните независни телевизии...

Со порака „не на војната“, вработените на една од последните независни телевизии во Русија се збогуваа од публиката

Photo by Kirill Zharkoy on Unsplash

Eдна од ретките независни телевизии „ТВ Дожд“ ја емитуваа својата последна програма пред колективно да се збогуваат и да се одјават, симболично, со емитување на Лебедовото езеро.

Вработените на „ТВ Дожд“ вчера, на крај од вечерните вести, се собраа околу водителите, кои порачаа „не на војната“, пред сите заедно да заминат. Преносот траеше и додека вработените го напуштаа студиото, по што се појави лого на телевизијата и порака за собирање донации.

„ТВ Дожд“ официјално требаше да се затвори по наредба на руските власти, па вработените решија барем заминувањето да го направат достоинствено, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Британскиот весник Индипендент јавува дека руската Државна дума денеска едногласно ги усвои измените на Кривичниот законик, според кои за изнесување на т.н. „лажни информации“ за дејствата на руската војска и воените операции и дискредитацијата на војската е предвидена казна до 15 години затвор.

Овие измени се носат во моментот кога Москва ги задушува последните критички настроени медиуми во земјата и им се заканува на новинарите кои известуваат за жестокиот отпор од украинските сили, и покрај големата руска воена надмоќ.

Претседателот на Думата Вјачеслав Володин рече дека измените веднаш се испратени во Горниот дом, Советот на Федерацијата, и дека очекува „буквално утре да бидат на сила“.

Како што соопшти Роскомнадзор, агенцијата за надзор на медиумите на руската влада, руските новинари во нивното покривање за војната на Русија против Украина веќе не смеат да користат одредени зборови како што се: војна, инвазија и напад.

Во таканаречените „лажни информации“, меѓу другото, се вклучува и изјавата дека руската армија напаѓа цивилни цели во Украина. Според Москва, луѓето треба да веруваат само во „точни“ информации, кои доаѓаат исклучиво од официјални државни извори.

Строга цензура на руската држава врз последните критички медиуми беше применета и врз весникот „Новаја газета“, чијшто главен и одговорен уредник Дмитриј Муратов во 2021 година ја доби Нобеловата награда за мир. Минатиот петок весникот го објави изданието на два јазика – руски и украински, по што официјален Кремљ веднаш покрена правна постапка против весникот, пишува Дојче Веле.

Веднаш потоа, во саботата руските државни власти објавија дека „Новаја Газета“, онлајн телевизиската станица „ТВ-Дожд“ и радио станицата „Ехото на Москва“, заедно со седум други медиуми кои известуваат за смртта на украинските цивили и гранатирањето на руската армија, шират лажни информации.

Главниот и одговорен уредник на радио станицата „Ехото на Москва“, Алексеј Венедиктов објави дека овој медиум ќе биде затворен. Со најновите потези на официјален Кремљ, згаснуваат последните критички настроени медиуми кон власта во Русија.