Дописници Со пари од странски организации ќе се уредува депонијата Русино

Со пари од странски организации ќе се уредува депонијата Русино

Со пари од УНДП и на швајцарската агенција за развој, ќе се уредува регионалната депонија Русино. Ова денеска го изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, по средбата со министерот за животна средина и за просторно планирање, Башким Амети.

Проектот, како што рече Арифи, има цел целосно да го реши проблемот со сметот во Полошкиот Регион.

– Од УНДП и од швајцарската агенција за развој ќе обезбедиме седум милиони евра. Со овие пари ќе се уреди депонијата Русино, која треба да работи по сите стандарди и таму непречено да се носи сметот. Со оваа депонија, откако ќе се уреди, ќе управуваат комуналните претпријатија од Полошкиот Регион, кои претходно треба да се обучат во врска со ваквото управување – рече Арифи.

Градоначалничката Арифи за време на средбата, од министерот Амети ја прими техничката документацијата за цевководот од новиот водоснабдителен систем, со што практично надлежноста за новиот водовод премина во рацете на Општина Тетово.

Арифи рече дека при крај е и изградбата на филтер-станицата од новиот водовод и се очекува пролетва да се пушти во употреба новиот водоснабдителен систем.

– Имаше некои проби деновиве на филтер-станицата, очекуваме да се проверат и филтрите, да се пушти струјата и конечно да се пушти во употреба станицата, а со тоа и да се пушти во употреба новиот водовод, со кој ќе се реши деценискиот проблем со водоснабдувањето во нашиот град – рече Арифи.