Македонија Со палење маски попладнево ќе заврши вевчанскиот карневал

Со палење маски попладнево ќе заврши вевчанскиот карневал

Фото: Мета.мк

Со палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, како и со традиционалното василичарско оро попладнево ќе заврши годинашното издание на вевчанскиот карневал. Палењето го симболизира бркањето на злото, а Вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година.

Фото: Мета.мк

И годинава во фокусот на карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. Вевчанци се пошегуваа со енергетската и економската криза, со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, како и со работењето на актуелната власт.

Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.

Фото: Мета.мк

Карневалот во Вевчани се изведува во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на вевчанци и на Вевчани. По своите специфичнии особини се разликува од сите други карневали во светот. Карневалот е признат од страна на Федерацијата на европските карневалски градови (ФЕЦЦ), со својата богата културна и историска вредност и привлекува илјадници домашни и странски посетители.