Економија Со нова веб-платформа граѓаните ќе се информираат како се трошат нивните пари

Со нова веб-платформа граѓаните ќе се информираат како се трошат нивните пари

Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и на среден рок владите ќе бидат принудени да даваат повеќе информации, бидејќи на тој начин може да се зборува за здраво и демократско општество.

Ова денеска го истакна Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации на конференцијата „Отворени податоци за трошење на јавните средства, искуства од регионот и состојба во Македонија“, организирана од Македонскиот центар за меѓуетничка соработка (МЦМС).

Таа говореше за новата веб-платформа за отворени податоци која треба да ја зголеми информираноста за начинот на кој се трошат парите на граѓаните во Македонија.

– Целта е да им кажеме на граѓаните дека со нивните пари се финансира и здравството, полицијата, се градат индустриските зони и се доделуваат субвенции. Нудиме можност секој граѓанин да ја внесе својата нето-плата и да види колку го чинат функциите на централната власт пресметувајќи го персоналниот данок, придонесите и данок на додадена вредност, водено според онаа стапка на просечната потрошувачка – изјави Факиќ.

Таа додаде дека еден граѓанин кој прима плата од 22.000 денари, функциите на централната власт го чинат 421 денар дневно.

Претставници од Македонија, Бугарија и од Словенија денеска на конференција во Скопје разменуваат искуства за отвореност на податоците на владите за трошење на парите од буџетот.