Македонија Со нова пречистителна станица и реконструкција на колекторот ќе се заштити Дојранското...

Со нова пречистителна станица и реконструкција на колекторот ќе се заштити Дојранското езеро

Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, кои се обезбедени од буџетот и со донација од Словенија

Дојранско езеро; Фото: Архива на Мета.мк

Со 3,5 милиони евра, системски ќе се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во Дојран, а ќе се санира и колекторскиот систем. Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на почетокот на санацијата и реконструкцијата на колекторски систем и отпочнувањето на постапката за изградба на нова пречистителна станица во Дојран.

Со проектот за санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран, системски се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во целата општина. Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, кои се обезбедени од буџетот и со донација од Словенија.

„Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро кое што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година“, истакна Ковачевски во неговото обраќање на настанот во Дојран.

Еден од врвните приоритети на Владата, како што нагласи премиерот, е заштита на животната средина насекаде низ нашата земја и при тоа додаде дека се вложува во капитални проекти со коишто животот на граѓаните се менува на подобро.

„Ако се движиме кон ЕУ, треба и така да се однесуваме. Како Влада и како Министерство со 135 милиони денари ја поддржуваме Општина Дојран за реконструкција на колекторскиот систем за отпадни води и изградба на нова пречистителна станица со што ќе се заштитат водите и целиот еко-систем на Дојранското Езеро како уникатно заштитено подрачје и исклучително привлечна туристичка и транзитна дестинација“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер изјави дека предложениот проект не е само од билатерално и национално значење, туку и од меѓународно, бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта и е дел од иницијативата Балкански зелен појас и е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици.