Ctrl - Z Со концерт во НОБ, вечерва се отвора 43 издание на „Скопско лето“

Со концерт во НОБ, вечерва се отвора 43 издание на „Скопско лето“

Со концерт на Европскиот Креативен Оркестар при Институтот ФАМЕ’С, вечерва во салонот на Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори 43-тото издание на манифестацијата „Скопско лето“ 2022, информираат организаторите.

Концертот е под диригентска палка на Тимоти Редмонд, а се одржува на првиот ден на летото на Светскиот ден на музиката и е по повод затворањето на француското претседателство на Советот на Европа.

Настанот е во соработка со Амбасадата на Франција, Францускиот Институт во Скопје и проектот ФАМЕ’С.

На „Скопско лето“ годинава ќе има 30 настани, а како и секоја година, најзастапени ќе бидат музичките настани, но ќе има и театарски претстави, изложби, фото изложби и програми за деца.

Годинава на фестивалот ќе има гости-уметници од Јапонија, САД, Канада, Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија, но и од европските држави.

Меѓу културните настани кои ќе може да ги посети скопската публика, на програмата се вметнати театарските претстави „Нема да е крај на светот“, „Торонто Експрес“, „Последната лента на Крап“ и „Во детска соба“, концертот на ансамблот „Танец“, изложбата на Пол Ванд и концертот на „Џим Политис Квартет“.