Свет Свет Снежно невреме ги погоди САД

Снежно невреме ги погоди САД

Најавуваното снежно невреме го погоди Вашингтон, со што во американската претстолнина се очекуваат рекордни врнежи од снег од 60 до 90 сантиметри.

Снежното невреме најпрво ги зафатило јужните и источните делови на САД, поради што се откажани 7.000 летови, а седум држави прогласиле вонредна состојба.

Во Северна и во Јужна Каролина, повеќе од 112.000 луѓе останале без струја, а шест лица загинале во сообраќајни несреќи кога снежниот бран се проширил во Арканзас, Тенеси и во Кентаки.

Националната метеоролошка служба издала предупредување во најмалку 20 држави кои опфаќаат повеќе од 85 милиони луѓе. Жителите од погодените подрачја се снабдиле со поголеми количества храна и ги испразниле рафтовите по продавниците.

Снежните врнежи што се очекува да траат до недела, можат да предизвикаат штета од една милијарда долари и да парализираат една третина од источниот дел на државата.

Гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, поради приближувањето на невремето, прогласил вонредна состојба и им порачал на граѓаните да останат дома. Сите автобуски линии и движењето на метрото биле прекинати, а ќе продолжат да работат кога условите ќе дозволат.

Мерки на претпазливост има и во Њујорк, каде што 600 припадници на националната гарда биле подготвени да им пружат помош на загрозените граѓани.