Свет Европа Снегот ја парализираше Европа

Снегот ја парализираше Европа

Обилните врнежи од снег предизвикаa голем метеж во Европа, а најмногу се погодени француските Алпи, каде 15.000 лица се завеани.

Снежната бура остави околу 100.000 лица без струја, додека на замрзнатите автопатишта во Германија се излизгаа камиони. Во регионот се одложени авионските летови.

Во Германија, поради застој на патот во близина на Штутгарт, се формираше колона долга 20 километри, на најголемиот аеродром во земјата, Франкфурт, се откажаа 20 од планираните 900 летови.

Под снег е и поголемиот дел од Италија, а Франција прогласи портокалова тревога во 19 региони. Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев, ги повика возачите да бидат крајно внимателни и да ги одложат патувањата, доколку се во можност. Поради временските услови, затворено е и француското пристаниште Кале.

Француската метеоролошка служба денеска најави послаби врнежи, но поради ниската температура, патиштата се особено лизгави, посебно во северните и во западните делови на земјата.

Поради ваквите временски услови, Париз, Лион, Кале и Поатије ги зголемија капацитетите за сместување на бездомниците.

Истовремено, локалните власти во Савоја предупредија на голема опасност од снежни лавини, а едно лице загина откако снегот го затрупал во јужниот дел на француските Алпи.