Македонија Скопското „Водовод и канализација“ до крај на 2021 должи на државата околу...

Скопското „Водовод и канализација“ до крај на 2021 должи на државата околу 3 милиона евра

Утврдена е и загуба на вода од 60 отсто од вкупната произведена вода, како и неправилности при јавните набавки. „Мета“ за загубите на вода во земјава пишува веќе две години наназад

Фото: Ванчо Џамбаски

Скопското Јавно претпријатие (ЈП) „Водовод и канализација Скопје“ на државата ѝ должи околу три милиона евра неплатени надоместоци за користење и испуштање одводни води за период од повеќе години, гласи еден од главните заклучоци на конечниот ревизорски извештај на „ЈП Водовод и канализација Скопје“ за 2021 година, изготвен од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Конечниот ревизорски извештај дава неповолна оценка за реалноста и
објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Утврдена е и загуба на вода од 60 отсто од вкупната произведена вода, како и неправилности при јавните набавки. „Мета“ за загубите на вода во земјава пишува веќе две години наназад:

Наместо да се намалува, расфрлањето со вода за пиење во Македонија расте [инфографик]

Поопсежно, со ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај ЈП Водовод и канализација Скопје за 2021 година е утврдено дека ова ЈП не постапило согласно одредбите од Законот за води, и не е извршена уплата на надоместок за користење на води и за испуштање во води на трезорската сметка во Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 185.543.000 денари (нешто над 3 милиона евра).

Исто така е констатирано дека со 30 отсто од корисниците на услугите на јавното претпријатие не се склучени договори, поради што меѓусебните права и обврски со нив не се регулирани.

За работењето на јавното претпријатие во годината во која се сменија градоначалниците на Град Скопје, не е изготвен шестмесечен извештај за работата на ЈП, со што е намалена транспарентноста при информирањето за видот и обемот на вршење на дејноста, како и за финансиско работење на претпријатието, критикува државната ревизија.

Проблем е утврден и кај вработувањата. Имено, „новите вработувањата не се спроведуваат по претходно обезбедени известувања за обезбедени финансиски средства од надлежните органи“, критикуваат државните ревизори.

Исто така, во Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица при Централниот регистар на Република Северна Македонија не е извршен упис на основната главнина на претпријатието како основачки влог; – пописот на средствата и обврските не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис; има несоодветен третман на расходуваните средства по годишен попис во сметководствената евиденција.

Забележани се и проблеми со парцелите со коишто владее скопското комунално јавно претпријатие, односно има нерегулирани права на сопственост во АКН за земјиштето и дел од градежните објекти кои во деловните книги се евидентирани со вредност од 100.729.000, односно еден милион и 765 илјади евра. Ифма неевидентирани објекти во сметководствената и материјална евиденција, неусогласена материјална евиденција за линиските објекти со податоците од имотните и евидентните листови, како и земјиште и објекти, кои се евидентирани во сметководствената евиденција, но за истите не се
обезбедени уредни и веродостојни документи со што не може да се потврди нивната точност, површина и сопственост, велат државните ревизори.

Во многуте забелешки, утврдени се и неправилности во начинот на пресметка на платата за административните службеници; – не се врши соодветно разграничување на трошоците за регрес, односно резервирање на трошоците за отпремнина во временскиот период кога настанале што влијае на реално и објективно прикажување на обврските и расходите.

Целосниот ревизорски извештај може да се види тука.