Култура Скопско лето завршува на 31 јули со концерт на Камерата Академика

Скопско лето завршува на 31 јули со концерт на Камерата Академика

Последната изложба во рамки на фестивалот е на Јулија Петровска насловена како „Алиса во Апсурдистан“ и ќе се отвори во сабота на 28 јули во Сули ан

Фото: Скопско лето

Со концерт на Камерата Академика на 31 јули ќе заврши годинешното издание на Скопско лето. Реномираниот фестивал ќе го заокружи своето 44. издание со концертот на ансамблот од Словенија во понеделник, пред платото на Музејот на македонската борба со почеток од 20,30 часот. Ансамблот е составен од шест членови – Каролина Шантел Зупан на флејта, Матеј Шарц на обоа, Јоже Котар на кларинет, Јоже Шопар на англиски рог, Миха Рогина на саксофон и македонецот Зоран Митев на фагот.

До затворањето на Скопско лето, посетителите ќе можат да ги видат и изложба на карикатуристи од Израел насловена како „2Kац“, која се отвора вечерва со почеток од 20,30 часот во Галеријата „Остен“. Поводот за оваа изложба е 55 години јубилеј на Светската галерија на карикатури „Остен“, а концептот на изложбата „2Kац“ е двогледност – две визии на иста тема, два изрази на двајца уметници, еден постар и еден млад, татко и син. Нивните дела се претставени во тематски парови, давајќи секој пат драматичен конфликт на целината. Посетителите можат да се восхитуваат на делата преку „двогледни спектакли“.

Во петок, на 28 јули во Сули ан ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“. Диригетската палка ќе биде на Иван Еминовиќ, а како солист ќе настапи Марија Ташевска – сопран. Овој концерт на МММ е во знак на одбележување на нивниот 60 годишен јубилеј кој се поклопува со 60 годишнината од скопскиот земјотрес. Последната изложба во рамки на фестивалот е на Јулија Петровска насловена како „Алиса во Апсурдистан“ и ќе се отвори во сабота на 28 јули во Сули ан.