Македонија Скопските кафулиња „Интермецо“ и „Мош“ со забрана за работа од 10 дена

Скопските кафулиња „Интермецо“ и „Мош“ со забрана за работа од 10 дена

Според Општина Центар, забраната е резултат на зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика од угостителските објекти и непочитување на работното време

Фото: Општина Центар (октомври 2020)

Кафулињата „Интермецо“ и „Мош“ ќе добијат забрана за работа од 10 дена поради пречекорување на работното време до 1 часот по полноќ, соопшти Општина Центар. Пазарната инспекција изготвила записници за затворање, а решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден.

Според Општината, забраната е резултат на зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика од угостителските објекти и непочитување на работното време во ноќните часови, иако во неколку наврати досега има изречено казни за бучава.

Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.

Во октомври лани локалите Мош, Мечос, Локал 45 и Интермецо беа казнети со платен налог за наплата на глоба во висина од 360.000 до 800.000 денари, во зависност од тежината на сторениот прекршок за гласна музика.