Економија Скопјани од наредниот месец најверојатно ќе пијат поскапа вода

Скопјани од наредниот месец најверојатно ќе пијат поскапа вода

Фото: Luis Tosta on Unsplash

Скопјани од март годинава најверојатно ќе плаќаат поскапа вода за пиење. Скопски „Водовод и канализација“ доставило барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со кое бара зголемување на цената на водата од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво. Од Регулаторната комисија, пак, предлогот е цената да се зголеми за седум денари, а конечната одлука треба да ја донесе Советот на општината.

Според предлогот на РКЕ, просечната тарифа за вода наместо 23,14 денари за метар кубен како досега, со зголемувањето ќе изнесува 26,36 денари.

„РКЕ не носи конечна одлука за цена на водата. Советите во општините ги носат конечните одлуки. Јавните комунални претпријатија поднесуваат барање за одредување на цена до РКЕ, а ние им даваме минимална и максимална цена како опција. Овие предлог цени се врзани со трошоците, односно инвестициите во мрежата за да нема дефекти и да се модернизра. Која цена ќе биде на сила, одлучува Советот на општината. Фактите покажуваат дека на национално ниво 60% имаме загуба на водата. Што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестиции. Советите отчетно и транспарентно да им објаснат на граѓаните каде се инвестира секој денар“, пишува на својот профил на Фејсбук претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој вели дека РКЕ останува на ставот во целост да го преземе регулрањето во делот со цени на води за да се зголемат инвестициите, да се подобри услугата и да се регулираат вработувањата согласно потребите.

ЈП Водовод и канализација Скопје барањето за поскапувањето на услугата го поднесе лани во ноември. Во него беше посочено дека се бара зголемување на просечната цена на водната услуга снабдување со вода за пиeње за крајот на 2022 година на 38,57 денари за метар кубен, додека за следната 2023 година на 38,81 денар за метар кубен. Тоа значи дека за оваа година РКЕ само делумно го прифатило барањето на градското претпријатие за поскапување на главната услуга.