Економија Сивата економија ќе се намалува со поголема контрола од инспекциските служби

Сивата економија ќе се намалува со поголема контрола од инспекциските служби

За намалување на сивата економија, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Инспекцискиот совет потпишаа меморандум за соработка.

Според претседателката на ССК, Данела Арсовска, не смее да се дозволи регистрираните компании, трговци-поединци и занаетчии што ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и ги плаќаат работниците, да трпат штета од нерегистрираните субјекти, кои се дел од сивата економија.

– Преку нов проект на контрола на инспекциските служби кај нерегистираните субјекти, заеднички ќе работиме на намалување на нелојалната конкуренција, која е детектирана како еден од најголемите проблеми што ги има домашното стопанство и е една од причините што економскиот пораст е во делумна стагнација во изминатите неколку години – изјави Арсовска.