Македонија Ситуацијата со пожарот над Кочани сè уште тешка

Ситуацијата со пожарот над Кочани сè уште тешка

Фото-архива. Фотографија: Весна Коловска

Голем број граѓани на Кочани излегоа да помогнат во гаснењето на пожарите кои избувнаа попладнево над градот и веќе зафатија 2-3 куќи на периферијата на градот, дозна „Мета“.

„Се надеваме дека до сабајле пожарот ќе биде изгаснат, но ситуацијата е навистина тешка“, вели соговорникот на „Мета“ кој заедно со други сограѓани им помагаат на пожарникарите.

Попладнево избувнаа два пожара во ридскиот предел над Кочани, кои зафатија десетици хектари шума, нискостеблести растенија и лозови насади, па се проширија кон куќите на самата периферија во западниот дел на градот.

Според најновите информации од Стојанче Ангелов, директор на ЦУК, во моментов во земјава има 13 активни пожари, а ситуацијата е посебна опасна и во општина Старо Нагоричане, каде што пожарот кој беснее два дена се заканува да опожари куќи во Кокино.