Свет Балкан Синдикатот на војската протестираше во Белград

Синдикатот на војската протестираше во Белград

Синдикатот на српската војската денеска одржа протест во центарот на Белград поради тешката социјална и материјална положба во која се наоѓаат припадници на војската. Протестот на кој се собраа околу 2.000 луѓе беше подржан и од синдикатот на полицијата, а заврши со марш до претседателството на Србија каде што беше оставено писмо за претседателот Томислав Николиќ, кој е врховен командант на вооружените сили на Србија.

Учесниците на протестот ги обвинија Генералштабот и Министерството за одбрана дека со неодговорни потези ја урнале способноста на вооружените сили и само оваа година навеле околу 1.000 лица да ја напуштат војската. Синдикатот на војската бара платата да им биде исплаќана по законот за војска, тврдејќи дека сега е за 27 проценти пониска од законскиот минимум.

Протестот го поддржал и синдикатот на полицијата која има слични проблеми. Претставниците на полицискиот и на воениот синдикат нагласија дека нивниот протест не е политичко собирање насочено против владата и државата туку дека е собир со кој сакаат да свртат внимание на тешката ситуација и на проблемите со кои се соочуваат органите на безбедноста.