Македонија Симулациска вежба по прва помош во случај на земјотрес се одржа во...

Симулациска вежба по прва помош во случај на земјотрес се одржа во Градски парк

Со настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент, посочи претседателот Пендаровски

Фото: Претседател на РСМ

Во Градскиот Парк во Скопје денеска се одржа вежбата „Хуманитарен одговор 2023“, чија цел беше да ги претстави капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст. На настанот присуствуваа министри во Владата, директори на институции и градоначалници.

Симулациската вежба по прва помош во итна ситуација – земјотрес, се организира по повод одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и како резултат на зачестените катастрофи во земјата и регионот.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека ова вежба ги покажала сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка.

„Токму со настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент“, посочи Пендаровски.