Свет „Си-би-ес“: ФБИ предупредува за можни напади на Ал каеда во пресрет на...

„Си-би-ес“: ФБИ предупредува за можни напади на Ал каеда во пресрет на изборите во САД

Американските разузнавачки претставници ги предупредиле локалните власти во Њујорк, Тексас и во Вирџинија за можни напади на Ал каеда в понеделник, во пресрет на претседателските избори во САД, јавува „Си-би-ес њуз“, повикувајќи се на неименувани извори.

Телевизијата наведува дека не се спомнати конкретни локации, но американските разузнавачки претставници ги известиле антитерористичките групи за евентуалните закани.

– ФБИ соработува со нашите федерални, државни и локални колеги, разменува и проценува информации на дневна база и продолжува и ќе продолжи да соработува со партнерите во локалната полиција и со разузнавачките служби за да ги идентификува и да ги спречи евентуалните потенцијални закани по јавната безбедност – изјавил високиот претставник на ФБИ за „Си-би-ес“.

Новинската агенција „Ројтерс“ се обидела да ги провери ваквите наводи, а претставниците во министерството за внатрешна безбедност не одговориле на прашањата на агенцијата за коментар.

Претставниците на локалните власти во Охајо, Пенсилванија, Аризона, Високонсин и во Флорида, за агенцијата рекле дека нема да има зголемен број припадници на силите за безбедност во однос на бројот што бил ангажиран во 2012 година.