Свет Европа Швајцарските власти бараат спас со преземање на Credit Suisse од нејзиниот најголем...

Швајцарските власти бараат спас со преземање на Credit Suisse од нејзиниот најголем ривал, UBS

Фото: Thomas Wolf, www.foto-tw.de, CC BY-SA 3.0 DE , via Wikimedia Commons

Судбината на Credit Suisse би можела да биде решена во следните 24 часа по напорната недела за втората по големина банка во Швајцарија. CNN ги пренесува информациите од локалните медиуми дека швајцарската Влада вчера одржала кризен состанок во Министерството за финансии за да разговараат за иднината на банката, по информациите кои се појавија дека е можно преземање на банката од нејзиниот најголем швајцарски ривал, UBS.

Заемот од Швајцарската централна банка, само и купи малку време на Credit Suisse. Информации пласирани во повеќе медиуми деновиве велат дека швајцарските регулатори ги притискаат банките да постигнат договор пред отворањето на пазарите во понеделник за да ја зајакнат довербата во банкарскиот систем на земјата, а најавено е дека одборите на UBS и Credit Suisse се очекува да се состанат во текот на викендов.

Инвеститорите и клиентите ги повлекоа своите пари од Credit Suisse во текот на изминатите неколку дена, бидејќи превирањата ја зафатија глобалната банкарска индустрија по колапсот на две американски банки. Акциите на Credit Suisse падна за 25 отсто во текот на неделата и покрај итниот заем од 54 милијарди долари од Швајцарската централна банка. Цената на финансиските договори дизајнирани да ги заштитат инвеститорите од можни загуби на нејзините обврзници се искачи на рекордно ниво. Повеќе од 450 милиони долари беа повлечени од европските и американските фондови управувани од банката во периодот од понеделник до среда, според Морнингстар.

Credit Suisse, која е меѓу 30-те најважни банки во глобалниот финансиски систем, со години ја следат скандали, огромни загуби и стратешки погрешни чекори, а кризата на доверба ескалираше овој месец. Неуспехот на Silicon Valley Bank минатата недела, најголем од глобалната финансиска криза во 2008 година, ги натера инвеститорите да бегаат и од другите играчи кои се сметаат за слаби.