Дописници Штип почна со проектот „Општинско-корисна работа“

Штип почна со проектот „Општинско-корисна работа“

Три медицински сестри во Здравствениот дом, наставник по физичко образование во центарот „Искра“, физеотерапевт во Дневниот центар за деца со посебни потреби и испорачувачи на сервисни услуги на лица со инвалидитет, ќе добијат привремена работа преку проектот на Општината Штип за општинско-корисна работа.

Преку проектот на десет сиромашни и невработени им се дава привремена работа, вели Марија Џонова од одделението за јавни дејности на Општина Штип.

– Ангажираните ќе работат шест месеци, а месечниот надомест ќе биде до 6.200 денари со платен персонален данок, ќе имаат можност за стекнување нови вештини, а корисниците на социјална помош го задржуваат правото на надомест – изјави Џонова.

Огласот за пријавување е објавен вчера, а посебна комисија ќе ги проверува квалификациите на кандидатите. Општината ги повика да аплицираат невработени лица, самохрани родители и лица корисници на социјална помош. Тече и повикот за пријавување на лица со инвалидитет, кои ќе бидат корисници на услугите.

Овој проект се реализира третпат. Од досега ангажираните 14 лица, шест веќе успееја да најдат постојано вработување.