Македонија Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ го блокира носењето на законите за минимална плата и за...

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ го блокира носењето на законите за минимална плата и за стечајци

Два дена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев со јалови дискусии и со бесцелни меѓусебни репики, ја блокираат Комисијата за труд и социјална политика и постапката за донесување на предлог-законите за минимална плата и за стечајци, изјави денеска пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

– ВМРО-ДПМНЕ во суштина ја блокира можноста на вработените кои имаат најниски примања и на вработените во текстилната и во кожарската индустрија да им се зголеми платата на 12.000 денари. Ја блокираат можноста конечно стечајните работници финансиски да го решат својот статус. Ги блокираат реформите во оваа држава, го блокираат просперитетот кој граѓаните го очекуваат. Со ваквото однесување ДПМНЕ само го потврдува фактот дека за нив не се важни интересите на граѓаните, нивната подобра економска состојба, нивната подобра социјална заштита, туку се загрижени само за тесно-партиските интереси и за благосостојбата на раководството од оваа партија – рече Шилегов.

Пратеникот нагласи дека СДСМ нема да го дозволи ова сценарио и нема да дозволи блокада на процесите што ќе обезбедат напредок, реформи и подобра економска состојба на граѓаните.