Македонија Шилегов: Училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади

Шилегов: Училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади

Градоначалникот Петре Шилегов денеска на прес-конференција информираше дека Градот Скопје, во соработка со средните училишта ќе се врши реконструкција на фасадите и на инфраструктурата во објектите која што ќе чини 70 милиони денари.

-Училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и за заштеда на електричната и на топлинската енергија. Покрај реконструкција на фасадите предвидена е реконструкција на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно. Висината на средствата за оваа намена, предвидени во буџетот на Град Скопје изнесува 70 милиони денари. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата што беа предвидени за Скопје 2014 – вели Шилегов.

Тој информираше дека буџетот на Град Скопје за образование за оваа година е двојно зголемен во споредба со лани и изнесува 163,2 милиони денари.

– Во рамките на овие реконструктивните активности се зема предвид и адаптацијата на просторот за пристапност на учениците со физичка попреченост. Тоа значи дека ќе се изградат надворешни и внатрешни рампи во училиштата каде што тие недостигаат, а исто така ќе се адаптираат и тоалетите во сите средни училишта на Градот Скопје – рече Шилегов.