Македонија Шилегов предлага на стоденарките да се удира печат „Збогум Никола“

Шилегов предлага на стоденарките да се удира печат „Збогум Никола“

Петре Шилегов, пратеник на СДСМ и претседател на анкетната комсија за прислушуваните разговори, утрово на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ даде предлог, граѓаните на секоја банкнота од 100 денари да напишат „Збогум Никола“ и да ја пуштат во промет.

„Еве ми текна: На секоја банкнота од 100 денари што ќе ви дојде кај вас, напишете #ЗбогумНикола и пуштете ја во промет. Нека боде очи“, пишува на профилот на Шилегов.

Во коментарите на неговиот статус веќе се појавија банкноти на кои со печат е испишано „Збогум Никола“.

Инаку, во член 26, точка 4 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14 и 153/15), е уредено „правото на Народната банка да конфискува без надоместок книжни или ковани пари кои се сменети во нивниот надворешен изглед, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја“.