Фото: Hin und wieder gibts mal was. на Pixabay

Драстично намалување на извозот, прометот во трговијата и на индустриското производство предизвика пандемијата од корона вирусот, откриваат најновите податоци на Народната банка

Извозот на стоки во април забележа длабок годишен пад од 60,3 отсто, како последица на негативните ефекти од вирусот.

„Рестрикциите за движење, како и зголемената неизвесност драстично ја намалија глобалната побарувачка, што доведе до висок пад на извозната активност во април. Анализирано по поодделни категории, дури 77 отсто од падот се должат на понискиот извоз на новите извозни капацитети, каде што најголем дел од извозот го сочинуваат производи за автомобилската индустрија, како еден од најпогодените сектори од последиците на пандемијата. За намалување на извозот придонесоа и сите преостанати извозни категории, но значително послабо. Позначителен е негативниот придонес на извозот на железо и челик, храна и облека и текстил во текот на април. Во споредба со очекувањата согласно со априлската проекција, остварувањата во април, засега се пониски од очекуваниот извоз за второто тримесечје за 2020 година“, укажуваат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека во април 2020 година, увозот на стоки исто така забележа голем пад на годишна основа, од 50,9 отсто.

„Намалувањето на увозната компонента го одразува ефектот на пандемијата, коишто предизвикаа значителен пад на побарувачката и извозот. Анализирано по одделни категории, најголем дел или две третини од падот на увозот се должи на намалениот суровински увоз на новите извозни капацитети, односно понизок увоз на опрема и машини и останат увоз. Исто така, сите преостанати категории, со исклучок на храната, придонесоа за намалување на увозот, со поизразен придонес од енергијата, текстилот и возилата“, велат од Народната банка.

Истовремено, прометот во вкупната трговија забележа висок годишен пад во април од близу 30 отсто, одразувајќи ги притоа неповолните остварувања и високиот пад на прометот кај сите три вида трговија (трговија на мало, трговија на големо и трговија со моторни возила).

Индустриското производство исто така забележа висок пад во април, од 33,5 отсто на годишна основа, што претставува значително влошување во однос на падот од 3,7 отсто којшто беше забележан во првиот квартал од годината, како резултат на случувањата поврзани со корона-вирусот.

„Притоа, најголем пад и следствено највисок негативен придонес се забележува кај преработувачката индустрија, а помал негативен придонес имаат и рударството и енергетскиот сектор. Падот во рамките на преработувачката индустрија е широко дисперзиран, а најголем негативен придонес има групата дејности во кои се активни странските извозни капацитети поврзани со автомобилската индустрија, како што се производството на машини и уреди, производството на моторни возила и производството на електрична опрема. Имено, најголемиот дел од овие домашни капацитети привремено не работеа од крајот на март и во текот на април, под влијание на привременото затворање на странските компании од автомобилската индустрија поради здравствената криза, што предизвика прекин во синџирите на производство“, потенцираат од Народната банка.

Кога станува збор за традиционалните дејности, позабележителен негативен придонес се забележува кај производството на облека и текстил, производството на пијалаци и на други неметални минерални производи.

Од друга страна, мал позитивен придонес се забележува единствено кај дејностите како што се производството на основни фармацевтски производи, производството на производи од гума и пластични маси и производството на останата опрема за транспорт.

„Во услови на ограничен обем на расположливи податоци тешко е да се добие попрецизна оцена за целокупната состојба во економијата во вториот квартал од 2020 година. Што се однесува до согледувањата на економските субјекти за состојбата во економијата, резултатите од анкетните истражувања за вториот квартал на 2020 година упатуваат на значително влошени согледувања во однос на минатиот квартал, како и во однос на истиот квартал од минатата година, во најголема мера како резултат на мерките поврзани со новата вирусна инфекција“, се вели во извештајот на Народната банка.