Македонија Шилегов: Неделава консултации за продолжување на конститутивната седница, потоа предлог до Иванов

Шилегов: Неделава консултации за продолжување на конститутивната седница, потоа предлог до Иванов

„Ѓорге Иванов и Никола Груевски се единствените пречки за формирање нова влада. Иванов со одолговлекувањето да го даде мандатот за влада, го штити Никола Груевски и криминалното раководство од волјата на мнозинството граѓани, односно нова реформска влада“, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков е ставот на СДСМ по денешното соопштено од Иванов, во кое од кабинетот на претседателот посочија дека „не се отстранети пречките за давање владин мандат“.

За најавените консултации со партнерите од владината коалиција, тој рече дека сега нема што да се каже.

– Најавивме дека во текот на оваа недела, со партиите кои го претставуваат владиното мнозинство, ќе извршиме консултации за да се продолжи конститутивната седница на Собранието. Штом за тоа ќе имаме информација, ќе ја споделиме – рече Шилегов.

Тој најави дека првин мора да се заврши конститутивната седница, а потоа би следувал предлог до претседателот на Република Македонија.

– Ќе мораме прво да ја завршиме конститутивната седница, па потоа ќе предложиме. Иако, повторувам, не постојат ниту уставни, ниту законски, ниту какви било други пречки за да се даде мандатот на претседателот на СДСМ, со што би имале мирен трансфер на власта – рече Шилегов.