Македонија Шилегов: Избирањето членови не значи дека ДИК е подготвена за фер избори

Шилегов: Избирањето членови не значи дека ДИК е подготвена за фер избори

Самиот избор на членовите на Државната изборна комисија не значчи дека е целосно подготвена за спроведување фер избори во април следната година, рече денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов. Според него, ДИК има уште голем број обврски што произлегуваат од законот, а во моментов не располага ниту со потребната техника за преземање на избирачкиот список.

– ДИК има огромен број обврски кои досега се нереализирани за да можеме да кажеме дека во моментов е функционален орган за организирање избори. Ова се должи на тоа што многу се доцнеше и се пробија роковите за имплементирање на тоа што е договорено од Пржино, а се однесува на Државната изборна комисија – рече Шилегов.

На новинарско прашање дали ова би можело да биде основа за одлагање на изборите, Шилегов рече дека не можат да изнесат заклучок и додаде дека „СДСМ нема да дозволи кражба на изборите“, без да прецизира што значи тоа.