Македонија Шилегов: Имаме победа во првиот круг, резултатот претставува чест, но и обврска

Шилегов: Имаме победа во првиот круг, резултатот претставува чест, но и обврска

„Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг“, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов, на прес-конференција.

Тој им честиташе на граѓаните на Скопје за одважноста, храброста и за одлучноста и за тоа што гласале за заокружување на промените и за живот за сите во Скопје.

– Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг. Вака изгледа Скопје, вака изгледа Македонија кога се гласа без притисоци, слободно и демократски. Македонија добива главен град кој поврзува, главен град кој работи за граѓаните. Овој резултат за мене претставува голема чест, но и уште поголема обврска. Од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на најгорливите проблеми на Скопје, загадувањето, зеленилото и сообраќајот – рече Шилегов.

Кандидатот на СДСМ рече дека новата градска администрација што ќе ја предводи ќе биде сервис на граѓаните и дека ќе работи и ќе се води исклучиво од нивните интереси.

Шилегов најави ново време на одговорна, домаќинска и транспарентна власт и нагласи дека на изборите победија граѓаните.