Главна секција Шилегов: Груевски со плата од 1.400 евра за една година „заштедил“ 120.000...

Шилегов: Груевски со плата од 1.400 евра за една година „заштедил“ 120.000 евра

Аболицираниот Никола Груевски тргал на страна секој месец по 10.000 евра или за една година официјално станал побогат за 118.629 евра, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој ги покажа анкетните листови на Груевски за 2014 и 2015 година, кои доскорешниот директор на Државната комисија за спречување на корупција не сакаше да им ги покаже на новинарите, минатиот месец на прес-конференција.

– Груевски, ги зголемил заштедите на американските долари, швајцарските франци, британските фунти на неговите девизни сметки, но најмногу ги зголемил сумите во денари и во евра. Пријавувал приливи во банка од по 300.000 денари, но и по 3 милиони денари. Интересно е дека за овие големи приливи од по 2 милиони и 3 милиони во 2015 година Груевски во анкетниот лист се правда дека му биле од 2005 и 2012 година. Но ако е така, зошто не му биле пријавени во анкетниот лист од претходната, 2014 година? Нето платата на Никола Груевски изнесувала 88.139 денари – рече Шилегов.

Дека Груевски не се потпирал на неговата плата, посочи Шилегов, покажува графата за основот на стекнување.

– Тука, Никола Груевски, како што е наведено, или не дал податок, или рекол дека ги стекнал парите на друг начин. Никола Груевски не одговорил на Антикорупциската комисија, но мора да им одговори на граѓаните: Кој е тој начин на којшто Никола Груевски заработува, така што за една година успеал да заштеди 118.629 евра? Граѓаните слушнаа од „Вистината за Македонија“ и за оф-шор релациите на Груевски со рајските земји, за милионски тендери и провизии, за милионски парцели на Водно. Ова е уште една причина зошто на Груевски му се потребни аболициите од Ѓорге Иванов. Нему и на неговите соработници. Аболиција целосно мора да се поништи и сите кои правеле злоупотреби на штета на граѓаните ќе одговараат – додаде Шилегов.