Македонија Шилегов: Груевски денеска потврди дека прислушувал

Шилегов: Груевски денеска потврди дека прислушувал

Никола Груевски потврди дека прислушувал во Македонија, заедно со неговиот братучед, директорот на УБК, Сашо Мијалков, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, денеска на прес-конференција.

– Груевски потврди дека тој и неговите најблиски соработници направиле упад во правосудството: местеле обвинителско-судски одлуки, избирале и разрешувале судии по партиска подобност. Тоа го говори бегството на Никола Груевски од коментар на скандалозните содржини на прислушуваните разговори – вели Шилегов.

Според портпаролот на опозицијата, ова го  потврдува и молкот на неговите најблиски соработници, диригентите во судството, Мијалков, Ставрески, Јанкулоска.

– Безуспешно Груевски се обидува со манипулации. Од вчера јавноста стана сведок на тоа кој го урнисал уставниот поредок на Република Македонија. Тоа се Груевски и неколкумина негови соработници. Меѓу нив, запрепастувачки е и јавниот обвинител Марко Зврлевски, кој е платен од граѓаните на Македонија да ги штити нивните интереси. Зврлевски наместо да покрене постапка за скандалозното прислушување и за упадот на извршната во судската власт, денеска со неговата изјава само потврди дека е партиски, а не јавен обвинител на Република Македонија – рече Шилегов.