Подглавна секција Шест лица загинаа во хеликоптерска несреќа во Непал близу Монт Еверест

Шест лица загинаа во хеликоптерска несреќа во Непал близу Монт Еверест

Во авионот што паднал во близина на највисоката планина на светот - Монт Еверест, се наоѓале пет мексикански патници и непалски пилот

Извор: Bijay Chaurasia on Wikimedia Commons

Шест лица загинаа во хеликоптерска несреќа во Непал, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на изјава на портпаролот на меѓународниот аеродром Трибхуван во главниот град Катманду.

Во хеликоптерот на компанијата „Manang Air“ (Мананг Ер) се наоѓале пет мексикански патници и непалски пилот, изјавил портпаролот Текнат Ситула.

Ројтерс пишува дека „Мананг Ер“ им нуди услуги на туристите кои сакаат поглед на планинските врови на Непал, вклучувајќи го и Монт Еверест, највисоката планина во светот.

Според соопштението објавено од Управата за цивилна авијација на Непал, хеликоптерот утрово тргнал од Солухумбу, каде што се наоѓа Еверест и се упатил кон главниот град Катманду.

Хеликоптерот изгубил контакт помалку од 10 минути по полетувањето, а подоцна бил пронајден урнат во руралната општина Лихупике во Солухумбу.

Во соопштението се додава дека локалното население и полицијата кои стигнале до местото на несреќата, ги пронашле телата на сите патници во авионот.

Воздухопловната индустрија во Непал порасна во последните години, но несреќите не се невообичаени поради оддалечените писти и ненадејните временски промени кои можат да предизвикаат опасни услови. Лошата безбедност на воздухопловната индустрија е погодена и од недоволната обука на персоналот и лошото одржување.

Европската Унија (ЕУ) во 2013 година ги забрани сите непалски превозници во својот воздушен простор поради загриженост за безбедноста.