Македонија Шекеринска во посета на Словенија, на средби со Пахор и со Могерини

Шекеринска во посета на Словенија, на средби со Пахор и со Могерини

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со делегација од Министерството, утре и задутре ќе престојува во Република Словенија, на покана на министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катич.

Во рамки на посетата Шекеринска ќе има средби и со претседателот на Словенија, Борут Пахор, и со потпретседателот на словенечката влада, Дејан Жидан.

Шекеринска утре ќе учествува и на Бледскиот стратегиски форум, на кој ќе учествуваат и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Министерката Катич утре ќе организира работна вечера за Шекеринска и за потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.

Во текот на вториот ден, министерката ќе се сретне со претседателот и со членовите на Одборот за одбрана во словенечкиот Државен збор, а ќе ја посети и касарната Церкље, каде припадници на Армијата на Република Македонија во моментов посетуваат теоретска и практична обука за противвоздушна одбрана со лесниот преносен ракетен систем „Игла“.