Македонија Шекеринска и Брнз во посета на „Криволак“, се реконструира инфраструктурата пред вежбата...

Шекеринска и Брнз во посета на „Криволак“, се реконструира инфраструктурата пред вежбата „Одлучен удар 21“

Фото: Министерство за одбрана

Припадници на инженерискиот баталјон на Армијата на РСМ и 15. инженериски баталјон на вооружените сили на САД заеднички работат на изградба на повеќе нови содржини и развој на патната инфраструктура во полигонот „Криволак“, во пресрет на најголемата воена вежба во земјава, „Одлучен удар 21“, на 17 мај. Тие денеска беа посетени од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и американската амбасадорка Кејт Брнз.

„Полигонот „Криволак“ е претворен во вистинско градилиште. Создаваме полигон кој нема да има само македонска и регионална вредност, туку ќе биде вредност и шанса за Алијансата. Тоа ќе беше невозможно без нашите планови и нашата Армија, но се разбира и без поддршката на сојузниците. Овие конструкции се резултат на сојузничката работа, на македонските војници и офицери и на американските инженерци и сакам да ѝ се заблагодарам на САД, но и на 15. инженериски баталјон на вооружените сили на САД, затоа што заедно со нас развиваат заеднички капацитет“, рече Шекеринска, која додаде дека целта е со овој ресурс, нашето членство во НАТО да покаже видливи резултати за сите сојузници и да донесе шанса за локалната економија и за зголемување и засилување на нашиот имиџ, како најнов член на Алијансата.

Амбасадорката на САД, Брнз посочи дека е импресионирана од огромниот напредок кој го постигнаа инженерците од армиите на двете земји и изрази благодарност до министерката Шекеринска за нејзините заложби за развој на полигонот, не само како капацитет на Армијата, туку и на Алијансата.

На „Криволак“ се во завршна фаза на изградба полетно – слетна патека за беспилотни летала, магацин за складирање на мети, две стрелишта за оклопни транспортери, со неподвижни и со подвижни мети, како и поправка и изградба на нова патна инфраструктура во вкупна должина од 62 километри.