Дописници „Шарената револуција“ и ГДОМ вторпат протестираа во Тетово

„Шарената револуција“ и ГДОМ вторпат протестираа во Тетово

Здружението „Протестирам“ денеска, околу 19 часот, својот револт од одлуката на претседателот Иванов за аболиција го искажаа пред тетовскиот Основен суд. Пред оваа институција демонстрантите ги извикуваа познатите пароли „Нема правда, нема мир“, „Оставка за Иванов“, „Бараме правда, бараме вистина“.

По половина час, со протестен марш се упатија до народната канцеларија на претседателот Иванов, лоцирана во центарот на Тетово. Учесниците на овој протест велат дека нема да се откажат од протестите сè додека, како што рекоа, не замине криминалната власт на Никола Груевски.

– Наспроти поделбите што ги прави актуелната власт, тука може да видите граѓанска Македонија, каде нема поделби по расна, етничка или религиска припадност. Само преку протести може да се победи оваа ненародна власт. Нема да се откажеме – изјави еден учесник од протестот, организиран од иницијативата „Протестирам“.

Еден час претходно, здружението ГДОМ организираше контрапротест, кој почна од улицата Борис Кидрич во Тетово, а заврши пред седиштето на СДСМ. Учесниците на контрапротестот, истакнаа дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, мора да замине од политиката за, како што истакнаа, да се спаси Македонија.

– Зоран Заев мора да си замине од политиката и мора да се организираат избори на 5 јуни. На тој начин ќе го решиме проблемот ние, самите граѓаните на Македонија. Во спротивно, ќе дозволиме друг да ни ги решава проблемите – изјави еден учесник на контрапротестот.

Демонстрантите и контрадемонстрантите и за наредната среда закажаа протести во Тетово.