Македонија Шахпаска ги повика експертите за човекови права да конкурираат за членство во...

Шахпаска ги повика експертите за човекови права да конкурираат за членство во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Фото: Влада на РСМ

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска ги повика сите оние кои се стручни во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и ги исполнуваат законските услови, да се јават на огласот за избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, што Собранието на РСМ требада го објави во рок 15 дена од стапувањето на сила на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Ги повикувам сите што имаат стручно познавање и искуство во делот на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата, да се јават на огласот и низ транспарентен процес да бидат избрани најдобрите кандидати. Граѓаните тоа го очекуваат. Обезбедени се услови за создавање на независна, професионална и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија задача ќе биде заштита на граѓаните кои се дискриминирани по кој било основ“, порача Шахпаска, по изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Таа оцени дека овој Закон е од исклучително значење за граѓаните и за државата, особено што сега јасно се дефинирани основите на дискриминација, заедно со сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива. Шахпаска додаде и де концептот едно општество за сите, подразбира почитување на различностите, борба против дискриминацијата, еднакви права и слободи за сите граѓани. „Владата и Министерството за труд и социјална политика посветено работат за негова реализација “, истакна таа.