Ќе важат ли покачените стипендии за сите ученици и студенти од септември?

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк (септември 2021)

Со лавина реакции, онлајн петиција и утврдена дискриминација се соочи Министерството за образование и наука (МОН) по зголемувањето на стипендиите само за дел од учениците и студентите. Наместо пофалба за зголемените износи, државната политика на стипендирање изминава година беше „поздравена“ со обвинувања и револт меѓу студентите и учениците и утврдена индиректна дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Покачени стипендии, но не за секого  

Минатото лето МОН соопшти дека студентите и учениците од учебната 2021/2022 година ќе добиват покачени стипендии, кои во одредени категории се зголемија и до 80 отсто. Со ова, студентските стипендии од прва, втора, трета и четврта категорија од годинава изнесуваат 6.050 денари месечно, наместо 3.300 денари колку што „вредеа“ претходно, додека ученичките стипендии се зголемија на износ од 3.500 денари, наместо претходните кои се движеа од 2.000 до 2.970 денари.

Но, со објавувањето на конкурсите во септември минатата година, стана јасно дека зголемените стипендии нема да важат за сите студенти и ученици, односно дека покачени стипендии ќе добиваат само оние кои аплицирале на новите конкурси. Студентите и учениците кои го оствариле правото на стипендија во некоја од претходните години, продолжија да ги земаат истите суми.

Реакциите на студентите пламнаа веднаш по објавувањето на конкурсот, а беше покрената и онлајн петиција со која се бараше зголемените износи да важат за сите студенти, наместо некои да бидат фаворизирани во однос на другите. Во петицијата студентите обвинија дека се врши дискриминација и дека со условите во конкурсите се прави поделба меѓу студентите.

„Нелогично и апсурдно е стипендија од иста категорија за еден студент да биде повисока, а за друг пониска. Несфатливи се околностите под кои стипендиите на студентите кои веќе ги користат се помали од оние на новите апликанти. Сите студенти имаат исти или слични потреби и трошоци и сите заслужуваат да добиваат еднаков третман“, пишува во петицијата која собра над 8.000 потписи.

Студентите преку онлајн петиција бараат покачените стипендии да важат за сите

Од МОН тогаш за „Мета.мк“ рекоа дека исплатата на стипендиите ќе продолжи согласно договорите што студентите ги потпишале претходните години, односно тие студенти ќе продолжат да ги земаат старите и речиси двојно пониски суми.

МОН извршило индиректна дискриминација кон студентите чии стипендии не ги зголеми

За условите според кои државата доделува стипендии, студент и ученик во средно образование упатиле претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Студентот навел дека објавениот конкурс за стипендии според него е дискриминирачки, бидејќи тој како студент со просек 8,49 ќе продолжи да зема стипендија во износ од 3.300 денари, а новите студенти со просек од 7,5 би користеле стипендија од 6.050 денари.

И во двата случаи, членовите на КСЗД едногласно утврдиле индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на правото на еднаков третман при користењето на стипендиите во повисок износ извршено од страна на МОН. Политиката за стипендирање на Министерството, дел од студентите и учениците ги ставила во понеповолна положба во однос на останатите нивни колеги и соученици.

„Комисијата исто така процени дека целта што се постигнала со ваквото нелинеарно покачување на стипендиите не може да се смета за легитимна заради ограничениот опсег на уживатели на истото право, односно не може да се смета за соодветна и неопходна, затоа што претставува извор на дискриминаторски третман кон поголема група студенти врз основа на образовен статус во смисла на академска година кога го оствариле истото право под исти или слични услови“, стои во Мислењето на КСЗД објавено на 24 декември.

Во Мислењето, понатаму, пишува дека со воведување на новите износи на стипендиите, се воведува практика на нееднаков третман меѓу новите стипендисти и стипендистите кои веќе се корисници на стипендии од МОН, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Согласно своите законски надлежности, Комисијата му препорачала на МОН да изготви и достави до Владата Предлог-програма за измени и дополнувања на Програмата за остварување и развој на дејноста на студентскиот и ученичкиот стандард со акциски план и соодветни буџетски финансиски импликации за изедначување на износот на стипендиите на корисниците на стипендија кои правото го оствариле во претходните академски години на износ од 6.050 денари за студентите, односно 3.500 денари за средношколците.

КСЗД упатила препорака и до Владата на Република Северна Македонија да го прифати предлогот на МОН и да ги изедначи сите стипендии.

МОН не постапило според препораката, се чека одговор од Владата

Од Комисијата за „Мета.мк“ велат дека МОН писмено ги известило дека доставиле информација до Владата со која ги известуваат дека не може да се постапи по препораката на КСЗД бидејќи ја сметаат за неоснована, а притоа и „финансиски неодржлива затоа што предизвикува финансиски импликации од 100 милиони денари“.

Од КСЗД додаваат дека чекаат да се произнесе и Владата, чиј рок за произнесување истекнува во јуни, по што ќе одлучат дали ќе поведат прекршочна или судска постапка.

„Комисијата има законска надлежност да го следи исполнувањето на Препораките што ги издава. Доколку субјектите кон кои се упатени Препораките не постапат по истите, КСЗД е должна да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“, велат од Комисијата.

„Мета.мк“ упати прашања до МОН и до Владата на РСМ за овој случај, од каде до моментот на објавување на написот, не добивме одговор.