fbpx

Првата дама: Справувањето со насилството врз жените и девојките – наша обврска и одговорност

-

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, учествуваше на панел дискусијата „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – Што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?“ oрганизирана од Канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија во соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, информираат од Кабинетот на Претседателот на РСМ.

Поздравувајќи го процесот на операционализација на Законот за спречување и заштита од насилство преку кој ќе се овозможи функционалност на услуги и механизми, кои ќе ја зајакнат поддршката за жртвите на насилство, сопругата на претседателот, истакна дека усвојувањето на Истанбулската конвенција ни даде широка рамка како држава да интервенираме во повеќе области, да носиме подобри законски решенија, да работиме на зајакнување на капацитетите на институциите и граѓанскиот сектор.

Во таа насока, Ѓоргиевска потенцираше дека се неопходни интервенции на повеќе нивоа и во повеќе области со цел успешно справување со насилството врз жените.

„Справувањето со родово базираното насилството особено со насилството врз жените и девојките е потребно да биде наша секојдневна обврска и одговорност, затоа што не треба да останеме само на говорење, треба да дадеме поддршка, треба да ги охрабриме жртвите да го прекинат својот молк и да се спротивстават, затоа што излез секогаш има“, рече Ѓоргиевска, нагласувајќи ја потребата надлежните институции да бидат беспрекорно ефикасни во овозможувањето на превенцијата и заштитата.

Во своето обраќање, сопругата на претседателот Пендаровски укажа и на тоа дека честопати жртвите не се охрабруваат да преземат чекори за сопствена заштита поради тоа што не знаат дали ќе можат да добијат непосредна помош или економски да опстојат. Таа потенцираше дека на жртвите им е потребно охрабрување за да пријават и да знаат дека нема да се соочат со осудување и стигма. Особено важно е, додаде Ѓоргиевска, жртвите да имаат лесно достапни информации за сервисите за поддршка, доколку решат да го напуштат домот, или заедницата која е извор на насилството.

„Одговорност и навремено реагирање треба да се очекува и од правосудните органи кои треба да испорачаат правда за жртвите, како и од службите кои треба да обезбедат услуги за заштита и закрепнување на жртвите на насилство“, истакна Ѓоргиевска, заклучувајќи дека токму недовербата во институциите, срамот од осуда и стравот од реперкусии претставуваат главни причини за насилството врз жените.

Таа посочи дека институциите имаат обврска и одговорност да се борат за овие цели. Мораме да дадеме и фактичка, а не само декларативна поддршка на жртвите на насилство, потенцираше Ѓоргиевска, и да им помогнеме за да прекинат со молкот, да бидат гласни и да се спротивстават.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која исто така учествуваше на панел дискусијата потсети дека услугите кои ги добиваат згрижените жртви опфаќаат заштита, поддршка на правaта, безбедноста и добросостојбата на жените и девојките жртви на насилство.

„Тие добиваат и безбедно сместување, советување и обезбедување информации за своите права.  Дополнително се работи на економското јакнење на жртвата. Целта е за време на престојот од три до максимум 12 месеци во Центрите за згрижување на жртвите, да се овозможи нивно активно вклучување на пазарот на трудот, имајќи го во предвид фактот дека економската зависност е таа што доведува да жртвата повторно се врати под исти кров на насилникот и повторно да биде изложена на нови обиди на вршење на насилство“ рече министерката.

Учесниците на дискусијата потсетија дека жените и девојките жртви на насилство може да пријавуваат и преку првата мобилна апликацијата за помош и поддршка на жртвите на насилство  „Биди безбедна”, достапна на македонски, албански и ромски јазик на следниве линкови на Google Play Store, App Store и HUAWEI App Gallery или пак да ја преземете преку следните линкови: https://cutt.ly/BeSafe-iOs https://cutt.ly/BeSafe-Android https://cutt.ly/BeSafe-Huawei.

Со денешната панел дискусија се одбележува почетокот на проектот „Спречување и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...