Македонија Шахпаска-Галовеј: Продолжува поддршката на Обединетото кралство на социјалните политики во земјава

Шахпаска-Галовеј: Продолжува поддршката на Обединетото кралство на социјалните политики во земјава

Извор на фотографија: Министерство за труд и социјална политика

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.

На средбата се разговарало за сегашните и идни процеси поврзани со областите за кои е надлежно Министерството за труд и социјална политика, а кои Обединетото кралство силно ги поддржува, информираат од ова министерство.

„Деинституализацијата и децентрализацијата се два значајни процеси кои ги започнавме во нашата држава, а кои водат кон унапредување на правата на лицата со попреченост, вадење на лицата од институциите и сместување во мали групни домови, а потоа и згрижувачки семејства, добивање на квалитетни социјални услуги на локално ниво на оние на кои им се најпотребни, ранливите категории на граѓани,“ истакна Шахпаска.

Од страна на министерката Шахпаска беа посочени и предизвиците кои ги донесе корона пандемијата не само од здравствен туку и од економски аспект, и воедно информираше за поддршката и помошта која Владата ја дава за ревитализација на економијата, на компаниите за зачувување на работните места, и на граѓаните особено најранливите категории.

Амбасадорката Галовеј ја истакна целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите на социјална кохезија во нашето општество. Во таа насока, рече дека силно го поддржуваат и го охрабруваат процесот на деинституционализација кој е започнат во рамките на министерството, зајакнување на капацитетите на Министерството во спроведување на политиките и програмите за еднакви можности и недискриминација.

Двете соговорнички изразија подготвеност за продолжување на добрата соработка и пријателство меѓу двете држави и институционална соработка и продолжување на тековните и идни заеднички проекти.