Подглавна секција Северна Кореја повикува да се спречи испуштањето нуклеарна вода од Фукушима

Северна Кореја повикува да се спречи испуштањето нуклеарна вода од Фукушима

Јапонија планира да ја ослободи отпадната вода од Фукушима во текот на ова лето

Извор: IAEA/David Osborn on Wikimedia Commons

Северна Кореја ја повика меѓународната заедница да ја спречи Јапонија да испушта прочистена отпадна вода од нуклеарната централа Фукушима во океанот, известува Си-Ен-Ен.

„Праведната меѓународна заедница не смее да седи и да ја гледа злобната, антихуманитарната и воинствената акција на корумпираната сила, која се обидува да го наруши домот на човештвото на сината планета. Мора да се обедини за темелно да ги запре и уништи“, соопштија во одделот за заштита на животната средина на Северна Кореја.

Радиоактивната отпадна вода содржи некои опасни елементи, но повеќето од нив може да се отстранат од водата, изјавија од јапонската државна енергетска компанија ТЕПКО.

Изјавата на Пјонгјанг е најнова во серијата загрижености изразени од соседните земји како Јужна Кореја, Кина и Пацифичките острови. Сите стравуваат за потенцијална штета на животната средина и јавното здравје.

Кинеските царински власти во петокот објавија дека забраната за увоз на храна од 10 јапонски префектури, вклучително и Фукушима, ќе остане во сила и дека ќе ги зајакне инспекциите за следење на „радиоактивни супстанции, за да се осигура безбедноста на увозот на јапонска храна во Кина“.

Како што пренесува Си-Ен-Ен, одобрувањето на ОН направи малку за да ги увери рибарите и жителите кои сè уште се погодени од катастрофата во 2011 година, која предизвика прегревање на јадрата на реакторот на централата и контаминирање на водата во објектот со високо радиоактивен материјал.

Оттогаш, нова вода се испумпува за да се разладат остатоците од гориво во реакторите. И подземните и дождовните води протекоа, создавајќи повеќе радиоактивни отпадни води кои сега изнесуваат 1,32 милиони метрички тони, што е доволно за да се наполнат повеќе од 500 базени со олимписка големина.

Јапонските власти тврдат дека ослободувањето е неопходно бидејќи истекува просторот за да го содржи контаминираниот материјал. Овој потег се очекува да ќе овозможи целосно деактивирање на нуклеарната централа Фукушима.