Македонија Селмани: Сериозно се сомневаме дека зад нападите на новинари стои Груевски

Селмани: Сериозно се сомневаме дека зад нападите на новинари стои Груевски

Најодговорно тврдам дека сериозно се сомневаме дека зад овие напади на новинари стои лично Никола Груевски, изјави денеска претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, по средбата со министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, во врска со вчерашниот напад на новинарската екипа на порталот „А1он“ за време на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во Скопје.

– Се сомневам во тоа затоа што во изминатите шест години тој човек не направи ништо за да ги спречи овие напади. Во негово време беа апсени и затворени двајца новинари, од кои еден уште е во притвор, го влечат три години и судот сè уште не е во состојба да го суди затоа што нема докази. Во времето на Никола Груевски беше затворена најгледаната телевизија, се случија 40 напади на новинари, отворено водат кампања против новинари за да ги дискредитираат и поттикнуваат насилства врз новинари. И навистина, ако вие сте сведоци на сето тоа, во време кога тој човек е најодговорен човек во Македонија, а не направил ништо да ги спречи тие напади на новинари, тогаш логично е да се сомневаме дека сега, кога тој човек одбива мирен трансфер на власта, тие напади се инспирирани и координирани од таа партија – изјави Селмани.

Попладнево во 13.15 часот закажана е прес-конференција во Министерството за внатрешни работи, на која, според очекувањата, треба да бидат соопштени детали за вчерашниот напад на новинарската екипа на „А1он“, како и за пронаоѓањето на сторителите и за расчистување на случајот.