Дописници Села: Граѓаните не поддржуваат меѓуетнички тензии

Села: Граѓаните не поддржуваат меѓуетнички тензии

Секое решение на политичката криза треба да дојде преку Собранието на Република Македонија, а не преку друг орган. Затоа треба да се седне и да се најде решение. Решението е да се направи техничка влада и аферата со прислушување да се искористи за да се декриминализира политиката, за во иднина никогаш да не ни се случуваат вакви работи – изјави градоначалникот на Општина Струга, Зиjадин Села.

Села смета дека граѓаните на Република Македонија не поддржуваат меѓуетнички тензии. Ситуацијата ја отежнува Владата која, според него, ги контролира сите останати власти во државата.

– Органите на државата се гледа дека целосно се под политичка контрола. Ако е вистина дека преку телефон секојдневно се уценуваат граѓани и бизнисмени, тоа нè става во еден вид заложништво – смета Села. Фактот што нема ништо за Ахмети и за Тачи во прислушувањата, како што додава тој, покажува дека Заев гледа кој ќе му биде идниот коалициски партнер што ќе го држи под заложништво.

– Граѓаните не се заинтересирани за меѓуетнички тензии бидејќи не се работи за проблем што го имаат Македонците и Албанците и другите етнички заедници меѓу себе. Се работи за една влада која ги контролира сите други власти во државата. Ја контролира и легислативата, и судството, а и медиумите. Тоа е основниот проблем. Секоја можна дестабилизација од етнички аспект, повеќе од јасно е дека ќе биде политички мотивирана за да се покрие прислушувањето од една страна, а од друга, и со објавувањето на разговорите од Заев, граѓаните секојдневно губат интерес за да видат што ќе се случува со аферата „Прислушување“. Здодевно ни е веќе два месеци да ја слушаме министрката Јанкулоска. Треба да се слуша и нешто друго. Фактот што досега нема прислушување кај албанскиот политички фактор, дава еден лош знак дека Заев сака во иднина политички да дејствува како што Груевски дејствува со албанскиот политички фактор – рече струшкиот градоначалник Зијадин Села.

В.М.