Македонија Сè уште нема независни кандидати за градоначалници, рокот истекува за 9 дена

Сè уште нема независни кандидати за градоначалници, рокот истекува за 9 дена

До Државната изборна комисија 27 лица поднеле листи за собирање потписи за независни кандидати за градоначалник, а за советнички листи поднеле 47. До општинските изборни комисии сè уште никој не поднел кандидатура за независен градоначалник за претстојните локални избори закажани на 15 октомври.

Рокот до кој тие што ги собрале потребните потписи може да поднесат кандидатура за градоначалник истекува на 14 септември, вели за „Мета“ портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

– Поднесени кандидатури за независни градоначалници нема сè уште. Досега се собираа потписите за кои рокот истече синоќа на полноќ. Тие што имаат собрано потписи имаат рок до 14 септември да ги поднесат кандидатурите или да се премислат – вели Гугучевска.

Од ДИК информираат дека сè уште ги собираат податоците за тоа колку од тие што поднеле листи ги имаат собрано законски потребниот број потписи.