Дописници Се урна куќата на Рајна Бурева во Штип

Се урна куќата на Рајна Бурева во Штип

Од силниот ветер се урна стара куќа во Ново Село, стариот дел на Штип. Ветерот што дува цел ден во Штип, особено се интензивира во попладневните часови, кога според информациите од Управата за хидрометеролошки работи, достигна брзина и повеќе од 80 километри на час.

Во старата куќа, некогашниот дом на штипјанката Рајна Бурева, не живеел никој откако семејство не успеало да се договори околу поделбата. Куќата се наоѓа во густо населен простор и веднаш до неа се наоѓаат две нови градби. На само неколку минути пред да се слушне тресокот од уривањето на куќата, во близината се движеле членовите на едно од семејствата сопственици.

Во Ново Село има повеќе од десетина вакви руинирани куќи. Во дел од нив никој не живее и се вистинска опасност за жителите.Околните жители реагираат дека денешната несреќа е само опомена и дека сопствениците треба да преземат мерки.

Силниот ветер, кој и понатаму дува, засега не предизвика поголеми штети. Во Регионалниот центар за управување со кризи, како што соопштија, засега нема пријави за штети.