Дописници Се реконструираат училиштата во Тетово за кои се одобрени 2,2 милиони евра

Се реконструираат училиштата во Тетово за кои се одобрени 2,2 милиони евра

При крај е реконструкцијата на училиштето „Братство Миѓени“, кое е едно од најстарите основни училишта во Тетово. Школото доби нови тоалети, а моментално се изведуваат и други градежни активности за реконструкција на оваа образовна институција.

– Во ова училиште, Министерството инвестираше 200.000 евра. Реконструкцијата на тоалетите заврши, сега се очекува да се реконструира и подот – изјави министерот за образование, Абдулаќим Адеми, кој денеска го посети училиштето.

Министерот Адеми изјави дека во тек се реконструкции на осум објекти на основни и на средни училишта во Тетово, а во овој град инвестирано е и во три спортски сали.

– За салите и за осумте објекти Министерството инвестираше два милиони и двесте илјади евра – рече Адеми.

Од Министерството посочија дека за оваа година се планира и реконструкција на средното економско училиште во Тетово и на основното училиште во Гајре.