Економија Се разгледува можноста нафтоводот Солун-Скопје повторно да се стави во функција

Се разгледува можноста нафтоводот Солун-Скопје повторно да се стави во функција

Фото: Jim Black from Pixabay

Премиерот Зоран Заев и помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Франсис Фенон, денеска на заедничката прес-конференција истакнаа дека постои заинтересираност кај грчката компанија „Хеленик петролеум“ за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје кој е изграден во 2000 година, но не е во функција од 2013 година, кога престана да работи рафинеријата „Окта“.

„Разговаравме за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје. Претстојат преговори со „Хеленик петролеум“ и се надевам на решение. Грчката компанија е заинтересирана да го стави овој капацитет во функција, и да го надгради. На тој начин ќе биде создаден центар и освен овде, со нафтени деривати ќе бидат снабдени и пазарите во регионот,“ рече Заев.

Фенон исто така потврди дека дискусиите со грчката страна напредуваат и тие се посветени на соработка и партнерство.

Инаку, веќе осма година по ред е стопиран транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун-Скопје. Нафтоводот Солун-Скопје почна со работа во 2002 година, има должина од околу 213,5 километри и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно. Транспортот на суровата нафта се одвиваше од терминалот на „Хеленик Петролеум“ во Солун до терминалот во „Окта“.