Македонија Се поставува монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија

Се поставува монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија

Во тек се подготовките за поставување на новиот монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде лоциран на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, информираат од Министерството за здравство.

„Веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел. Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен. Во меѓувреме се работи на изготвување план за потребното ентериерно уредување и обезбедување медицинска и немедицинска опрема“ соопштија од МЗ.

Како што појаснуваат оттаму, во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова ќе биде придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно ќе биде оформен така да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите.

Од Клиниката за пулмологија потенцираат дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа.