Култура Се отвораат две нови национални установи – „Десет дена Крушевска Република“ и...

Се отвораат две нови национални установи – „Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“

Во пресрет на големиот државен празник, Илинден, кога во државата се прославува Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ, Владата донесе одлука за формирање две нови национални установи од областа на културата

MacedonianBoy, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Во пресрет на големиот државен празник, Илинден, кога во државата се прославува Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ со што се конституира македонската држава, Владата донесе одлука за формирање две нови национални установи од областа на културата кои ги афирмираат личностите и настаните поврзани со Илинденскиот период и со македонската државност, информира Министерството за култура.

„Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе функционираат преку целата година како национални установи.

Иницијативата за основање на установата „Десет дена Крушевска Република“ е со цел поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија. Оваа национална установа ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски Музеј – Крушево, што е во сопственост на државата.

Предвидено е националната установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар да ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. Установата ќе биде сместена во објект во село Смилево, во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.

„Новите национални установи според досегашната нивно постоење и програмски содржини, продолжуваат да дејствуваат во духот на афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност“, велат од Министерството за култура.