Економија Се отвора можност македонските компании повеќе да извезуваат на рускиот пазар

Се отвора можност македонските компании повеќе да извезуваат на рускиот пазар

Македонско-руската стопанска комора и „Македонски дом“ од Москва потпишаа договор за соработка, со што се отвора можност македонските компании да ги пласираат своите производи на рускиот пазар.

– Во наредниот период со македонската деловна асоцијација активно ќе соработуваме на развивање на трговско-економските и туристички врски меѓу деловните луѓе од двете земји, создавајќи притоа услови размената да се зголемува, но и да се врамонотежува, бидејќи Македонија има сериозен трговски дефицит во размената со Руската Федерација – истакна генералниот директор на „Македонски дом“, Ина Владимировна Жарова.

Во овој момент на рускиот пазар се извезуваат земјоделски и фармацевтски производи, но има можност за развој на соработката во областа на туризмот.

Во текот на неколкудневниот престој на менаџментот на „Македонски дом“ во Македонија, ќе бидат посетени повеќе македонски компании, производители на вино и на алкохолни пијалоци, компании кои се занимаваат со туризмот, ресторани, како и места кои би можеле да бидат интересни за посета од страна на руски туристи.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на стоковната размена со Руската Федерација до крајот на септември бележи опаѓање од 12,2 проценти.