Дописници СДСМ: Со преголемите казни, ВМРО-ДПМНЕ ги уништува малите бизниси во Штип

СДСМ: Со преголемите казни, ВМРО-ДПМНЕ ги уништува малите бизниси во Штип

Владимир Милошев, претседател на разгранокот на СДСМ во Штип, денеска на прес-конференција обвини дека казните од  Управата за јавни приходи се преголеми, а малите и средните бизниси одвај преживуваат.

– Ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ негативно се одразува на нормалното работење на фирмите. За многу фирми, големите казни претставуваат и сериозна закана за нивната егзистенција и за вработените во овие фирми – изјави Милошев на денешната прес-конференција.

Одговор на партиските обвинувања, новинарите побараа од регионалната УЈП. Оттаму најавија одговор, но до доцна попладнето не одговорија. Портпаролката дури не одговараше на телефонските повици.

Наместо од УЈП, на новинарските прашања одговорија од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Инспекторите од УЈП имаат законска обврска да ги посетуваат фирмите и да ги проверуваат истите дали функционираат согласно законите, вклучително и дали ги намируваат даночните обврски. Тоа е нивна работа и тие се постојано на терен, за разлика од времето на СДСМ кога службите биле почесто во фотелјите и во канцелариите наместо во контроли“, одговорија од ВМРО ДПМНЕ во соопштение.