Дописници СДСМ Штип: Патниците мрзнат по македонските возови

СДСМ Штип: Патниците мрзнат по македонските возови

Фотографиите објавени во македонските медиуми, со навлезен снег во вагоните на возот на релација Велес – Скопје, беа повод за денешната прес-конференција на СДСМ во Штип.

– Возовите во Македонија се вистински хорор за патниците. Греење нема, луѓето мрзнат, бараат ќебиња за да се покријат во вагоните со искршени прозори, во кои влегува снег – изјави пред Железничката станица во Штип, Благој Бочварски од СДСМ.

Според него, Македонија е земја со најслаба развиеност на железницата, со само 27 километри пруги на површина од 1.000 квадратни километри.

Илустративна е Источна Македонија, која, според Бочварски, е на самото европско дно со само седум километри пруги на 1.000 квадратни километри.

Бочварски потсети на состојбата со уредите за осигурување на патните премини, поради што, како што рече, во нивно отсуство е зголемена опасноста од несреќи, а со тоа е загрозена и безбедноста на граѓаните.